ск

ск

Sunday, June 30, 2013

Развој на анархистичките идеи во Македонија
од Триво Инџиќ


Анархистичките идеи пристигаат во југословенските земји во втората половина од 19. век, најмногу преку посредство на Југословените кои работеле или се школувале во европските земји, во кои работничкото и социјалистичкото движење било најразвиено. Во Швајцарија се наоѓале многубројни јужнословенски студенти и револуционери, кои стапиле во контакт со Бакунин и Словенската секција на Јурската федерација. На почетокот на јули 1872 во Цирих е одржан и конгрес на српските социјалисти на кој присуствувал и самиот Бакунин и на кој е усвоена програмата на Српската социјалистичка партија. Борбата на југословенските земји за национално ослободување – пред сẻ од Австро-унгарска и Турска власт – поттикнува и пошироко прифаќање на модерните слободарски идеи.

Слободарските идеи пристигнуваат во Македонија преку македонските младинци кои студирале во Швајцарија и Бугарија кон крајот на 19-от век. Во Женева во 1897 и 1898 година се издавале две анархистички гласила: Глас и Одмазда, во рамки на т.н. Македонски таен револуционерен комитет, кој се борел за ослободување од Турската Империја и за создавање на Балканска социјалистичка федерација. Идеите на рускиот анархизам ги прифаќа и првиот македонски социјалист Васил Главинов (1869-1929), со кој во Софија се запознал и Гоце Делчев (1872-1903), водечка фигура во ослободителната борба во Македонија, основач на Тајната македонско-одринска револуционерна организација и водич на револуционерното илинденско востание во 1903 година[1]. Ова востание довело до создавање на Крушевската република, прва социјалистичка република на Балканот.[2] Делчев бил во блиски врски и пријателство со истакнатите бугарски анархисти Михаил Герџиков и Врбан Килифарски. Околу Делчев се собрале и многу други борци за независна Македонија – анархисти, меѓу кои и Петар Манџуков, кој во Скопје ја објавил Азбуката на анархистичкото учење (1898), Даме Груев, Јане Сандански, Никола Карев, Димо Хаџидимов и други.[3] Друга анархистичка група била и тајната терористичка група Гемиџии од Солун (Јордан поп Јорданов, Марко Бошнаков, Димитар Мечев, Константин Кирков, Павел Шатев, Милан Арсов, Владимир Пингов и др. ), кои со низа атентати на јавни објекти и установи сакале да го привлечат вниманието на светската јавност на македонската борба за независност, во текот на април 1903. Некои од овие атентатори погинале, останатите се фатени, осудени на смрт или прогонство во Мала Азија. Помеѓу 1910 и 1912 година делува анархистичката Меѓународна револуционерна балканска асоцијација Црвени браќа, со ограноци во Солун, Струмица, Куманово и Кратово, борејќи се против Турција а за слободна Македонија.
Забелешки од преведувачот
[1] Гоце не бил водич во илинденското востание, тој загинал пред да се случи, всушност и бил противник на востанието бидејќи сметал дека е предвремено.
[2]Не била создадена република, била формирана комуна но не и република. Секој разумен човек може да забележи дека немало можности за тој краток период и дадени услови за формирање на државнички функции.
[3]Освен Петар Манџуков, останатите не се анархисти.

No comments:

Post a Comment