ск

ск

Saturday, July 13, 2013

ЦРН БЛОК е анархистичка група базирана во Скопје

ЦРН БЛОК е анархистичка група базирана во Скопје, која се залага за општество кое почива на принципите на индивидуална и колективна слобода, рамноправност, солидарност и заемна помош, лишено од секаков облик на репресија, хиерархија и власт на човек над човека.



Сметаме дека слободата и рамноправноста не можат да се достигнат без да се раскрсти со сите облици на власт - како политичката власт на државничката елита, така и економската власт на сопственичката врз работничката класа. Борејќи се за бескласно и бездржавно општество (или слободарски комунизам), нужно се бориме против државата, како структура која постои за да ги заштитува интересите на владејачката класа и да ги обезбедува капиталистичките односи во општеството, односно експлоатацијата на работничкиот труд, од каде произлегува сета моќ на владејачката класа, сета нерамноправност меѓу класите и сета беда на непривилегираните слоеви. Општеството го делиме на две класи: експлоататори и експлоатирани, и секој поединец, организација или структура која го помага одржувањето на власта на ескплоататорската класа го сметаме за непријател на слободата. Како поборници против секаков вид на репресија и нерамноправност, ние, разбирливо, сме и антиавторитарци, антикапиталисти, антимилитаристи, антиклерикалисти, антинационалисти.

Основни принципи на кои се базира, но не се ограничува нашето делување се: (1) директна демократија, како принцип врз кој се заснова внатрешното организирање на нашата група, преку кој во пракса покажуваме како би функционирал во било кој колектив антиподот на претставничката (посредна) демократија; (2) директна акција, како метод на борба кој подразбира делување вон рамките на правниот систем, политичките партии и државата, а кој историски се покажал како ефикасен метод за уценување и принудување на газдите и државата, преку штрајкови, блокади на патишта, окупација на работни места и државни установи, саботажа и други методи кои времено го попречуваат трупањето и протокот на капитал; (3) солидарност и заемна помош, како клучни принципи како за единството на припадниците на нашиот колектив, така и за единството на сите експлоатирани луѓе во нивниот судир со владејачката класа, но и како суштинска спротивност на натпреварувачкиот дух кој се негува во капиталистичкото општество и континуирано ја продлабочува отуѓеноста на поединците едни од други.

Нашата улога, како идеолошка анархистичка група, е да влијаеме врз поголемите општествени групи - работници, селани, студенти, и внатре во нив да ги шириме основните идеи на анархизмот: федерализам, директна демократија, директна акција, рамноправност, солидарност и автономија. Наша задача е во пошироките слоеви да повлијаеме преку самоеманципација да се изгради една широка култура на отпор и солидарност, како неопходност за секое социјално движење кое ќе се спротистави на постоечките односи во општеството. Освен константната пропаганда преку која настојуваме да ги приближиме анархистичките идеи до пошироките слоеви и општествени групи и да ги разобличиме владејачките односи во општеството, ќе земеме и активно учество во сите прогресивни социјални превирања (од протести, штрајкови, блокади, движења, до конкретна помош на работници кои се во судир со нивните газди и/или властите), со цел што повеќе луѓе, рамо до рамо, да се запознаат со нашата пракса и теорија. На тој начин ќе ги поставиме основите за во иднина да бидеме колективно способни да создадеме слободарски алтернативи на капитализмот и државата, на хиерархијата и нерамноправноста, на бедата и отуѓеноста.


No comments:

Post a Comment