ск

ск

Thursday, July 4, 2013

Анархистичкото движење во Македонија
( Краток осврт )
од Стефан Симоновски

Забелешка #1: Овој осврт првично беше објавен во Италија, за каде што и беше пишуван, за подоцна да биде објавен и на српско/хрватски на http://www.anarhisticka-biblioteka.net , па оттаму и неговата структура е прилагодена за таа цел. Ова е неизменета интегрална верзија на македонски јазик.

Забелешка #2: Ова е само еден кракот напис со цел да се добие една општа претстава и да се посочи на постоењето на анархистички идеи и акции и во овој крај од светот. Нема за намера да биде дефинитивен приказ за анархистичкото движење во Македонија, ниту пак навлегува во некаква посериозна анализа за самата неговата структура, тенденции, недостатоци. Тоа го оставаме за некоја друга прилика.

***

Појавата на анархизмот во Македонија датира од почетокот на последната деценија од 19 век. Првите посериозни обиди се поврзани со таканаречениот „Женевски кружок“, формиран 1897 во Швајцарија како Македонски таен револуционерен комитет од страна на студенти анархисти од Македонија и Бугарија. Истата година го издаваат и она што се смета за првиот анархистички весник во овие краишта, „Одмазда“. Пишуваат и „Апел“ и „Програма“ кои се дистрибуираат во Македонија која е под турска власт. Во нив Комитетот им се обраќа на слободоумните жители на Македонија и изјавува дека е организиран да ја „уништи власта на тираните, да ги разбие оковите на робовите и ослободи со векови угнетените Македонци“ (1).
Со оглед дека Македонија е под турска власт, а во духот на времето и опкружувањето во кои преовладува идејата за национално ослободување, најголем дел анархистичкото движење, на овој или оној начин, е дел од борбата за национално ослободување на Македонија. Битно е да се напомене дека македонското и бугарското анархистичко движење всушност делат една иста историја, која во согласност со тогашната политичко-општествена ситуација на Балканот во најголема мера е насочена кон борба против тиранијата на Отоманската империја (2) .
Во 1898 најголем дел од членовите на Женевскиот кружок доаѓаат во Македонија да се посветат на просветна и револуционерна дејност и се вклучуваат во националослободителното движење на Македонија. Истата година во Скопје, Петар Манџуков (член на Женевскиот кружок) ја пишува и издава Анархистичка азбука. Набрзо потоа е уапсен и осуден на смрт за противдржавна дејност, но пресудата подоцна е преименувана во доживотен затвор. Таму се обидува да се обеси, но не успева во својата намера. После тоа следува разгледување на делото, со што најверојатно под влијание на неговиот вујко владика и со поткупување на властите е ослободен (3).
Тој инаку со уште двајца анархисти во 1900 (Слави Мерџанов и Петар Соколов) коваат план да извршат атентат на турскиот султан Абдул Хамид, но замислата не им успева. Подоцна копаат тунел под Отоманската банка во Истанбул со цел да ја кренат во воздух, но и тој обид им пропаѓа.



Во тој период важно е да се напомене дека постојат повеќе анархистички групи и струи кои немаат подеднакво мислење во однос на учеството во движењето за национално ослободување. Постојат две главни струи, од кои едната се залага за организирано учество во движењето за национално ослободување и присоединување кон истото. Како најмаркантен претставник на таа струја е Михаил Герџиков, кој долго време ќе биде десна рака на една од најзначајните фигури во македонското движење за национално ослободување, Гоце Делчев, кој под негово влијание ќе почне да развива и симпатии кон анархизмот. Другата струја се залага за самостојно делување на анархистите. Од таа струја најпознатата е групата „Гемиџии“ која во 1903 во Солун ги изврши веројатно најголемите терористички акции изведени од анархисти во Европа. Целта им е да ја дестабилизираат Отоманската империја и да го привлечат вниманието на големите сили кон Македонското прашање. Акциите траат 4 дена. Меѓу другото, во Солунското пристаниште кренат во воздух е францускиот параброд „Гвадалкивир“, разнесен е возот што сообраќал на линија Цариград (Истанбул) - Солун (нема жртви во овие две акции), резнесена е зградата на Отоманската банка. Најголемиот дел од учесниците во овие акции загинуваат или извршуваат самоубиство (4).

Друг важен момент од тој период е Илинденското востание против турската власт од 1903 година. Голем дел од анархистите учествуваат во него. Во Крушево е прогласена и република која успева да издржи 10 дена, пред да биде крваво задушена како и целото востание на останатите територии од Македонија. Инаку, Крушевската република се смета за прва република на Балканот. Очекувано, по задушувањето на востанието следуваат силни репресии и голем број анархисти емигрираат во Бугарија. Дел продолжуваат со учество во движењето за национално ослободување сè до 1906-1907, кога по сè посилното влијание на бугарскиот царски двор во движењето за национално ослободување, анархистите заклучуваат дека учеството во истото е губење време и се посветуваат само на анархистичка пропагандна дејност (5) .
Непосредно после тоа, двете Балкански војни и Првата светска војна негативно влијаат на развојот на анархистичкото движење. Втората балканска војна ја започнува Бугарија, која незадоволна од своите придобивки ги напаѓа своите сојузници во војната против Турција, Србија и Грција. После тоа се случува поделба на географската територија на Македонија помеѓу Бугарија, Србија и Грција. Она што денес е познато како Република Македонија, инаку позната и како Вардарска Македонија, е делот што ѝ припаднал на Србија.



Овде во Македонија постојат многу малку информации за делување на анархистички групи и организации во периодот од Првата до Втората светска војна. Искрено, јас немам многу, знам за постоењето на одредени анархосиндикалистички групи во источниот дел на Македонија, но ништо повеќе од тоа. Како што напоменав, голем дел од анархистите емигрираат во Бугарија и континуитетот на движењето во Македонија полека се губи и исчезнува, додека во Бугарија тој се одржува, особено со формирањето на Анархо-комунистичката федерација на Бугарија (1919). После Втората светска војна во Македонија (која тогаш станува федеративна република во Југославија) настанува целосен вакуум што се однесува до анархистичките идеи и делувања. Колку што мене ми е познато, во тој период (од 1945 до 1990) не постои ниту една анархистичка публикација на македонски јазик. Ниту пак постојат некакви записи или информации за дејствување на одредени групи, а не знам ниту за поединци од Македонија кои биле дел од некакви анархистички делувања во Југославија. Навистина, информациите за тој период се исклучително штури.
Тоа се менува по распаѓањето на Југославија кога во средината на 90-те се јавува видливо раздвижување на тоа поле. Најпрвин во одредени фанзини почнува се почесто да се споменува и да се пишува за анархизмот, а потоа полека тоа почнува да се развива и во други облици. За некое организирано делување, сепак не може да се говори.
Позната ни е политичката ситуација во регионот од последната деценија на 20 век, распадот на Југославија и војните (во Македонија немаше војна, а Македонија во светската јавност беше претставувана како Оаза на мирот, како единствената република која се отцепи од Југославија на мирен начин. Но тоа само неколку години подоцна ќе се промени, докажувајќи дека тоа беше само една обична пропагандна конструкција наменета за политички цели), бомбардирањето на Србија и НАТО интервенцијата на Косово 1999, па конфликт во Македонија во 2001 меѓу Албанците и Македонците, кој всушност беше врвот на нивната меѓусебна етничка нетрпеливост. Конфликтот траеше околу половина година и се заврши со потпишувањето на т.н. Охридски договор кој гарантираше поголема интеграција на Албанците во институциите во Македонија, односно поголем дел од колачот на власта. И покрај сите декларативни помирувања, етничката поделеност сè уште е клучна во дефинирањето на општествени и политичките односи во Македонија. Имајќи ги предвид сите овие појави, беше нормално анархистите голем дел од своите активности да насочат во тој правец и да земат учество во тековите кои се спротиставуваа на милитаризмот, војните, национализмот. Оттаму, во тој период (крајот на деведесеттите) се формираат и делуваат неколку неформални и грас-рут групи во кои учествуваат значителен број анархисти и кои претежно за своја агенда го имаат антимилитаризмот и антинационализмот. Тука се АМАН, ГАМА, Мировна Акција (која подоцна продолжи да функционира како формална група; постои и денес), кои издаваат брошури, летоци, њузлетери, организираат антивоени акции.



Типична анархистичка група која е поактивна и видлива во тој период е КСИ (Колектив за слободарска идеја). Преведоа, издадоа и дистрибуираа голем број памфлети, а неколку години го издаваа и њузлетерот „Со глава низ ѕид“, чија фреквенција на излегување беше два броја годишно. Последните броеви всушност прераснаа во формат на списание. Излегоа 8 броја од кој последниот во 2003. Преводите беа претежно од анархистички класици (како Бакунин, Малатеста), но имаше и некои понови теориски прилози. Според нивните тврдења, во периодот додека колективот функционираше, вкупната бројка на дистрибуирани памфлети (заедно со сите броеви на њузлетерот) изнесува околу 10.000 копии. Што за тогашните (а богами и сегашните) услови и околности во Македонија е сериозна бројка. Во еден момент имаа и краткотраен флерт со анархосиндикализмот, имајќи идеја да формираат формална организација со статут и програма, но многу брзо се откажаа од таа намера.

2000 год. беше одржан екс-Ју анархистичиот собир во Зеленковац (БиХ), кој требаше да биде некаков обид за поврзување и заедничко делување на анархистите од регионот. Учествуваат и неколкумина анархисти од различни групи од Македонија (Скопје и Прилеп). Но веројатно нееднаквата развиеност на движењето во новоностанатите средини/држави, како и незрелоста и неискуството, не овозможија некое посериозно здружување и заедничко делување. Но контактите останаа и еве сега, години подоцна, постојат одредени поместувања во однос на тоа. Сепак, тој собир имаше како последица размрдување и интензивирање на активностите меѓу анархистичките групи во Македонија, како и вжештување на меѓусебната дискусија и судири.

Инаку, анархистичките активности од крајот на минатиот и почетокот на овој век главно се во Скопје и во одреден период во Прилеп. Во тоа време постојат и два инфошопа и библиотеки, кои делуваат како точки за среќавање на разните слободарски групи и поединци. Прво се оформува еден во Скопје, а потоа и во Прилеп.

Се организираат разни активности, дискусии, проекции, директни акции (главно беа за време на парламентарните избори, против мултинационалните компании...). Но не постои некое помасовно присуство на улиците.



Во 2003 по иницијатива на другарите од Солун се организира балкански анархистички собир на кој присуствуваат и анархисти од Македонија. Таа година во близина на Солун се одржува и Европскиот самит, а одреден број на анархисти од Македонија учествуваат во активностите и протестите насочени против него. Истата година во Скопје се одржуваат и протести против војната во Ирак, со воочливо учество на анархисти, а се интензивираат и контактите со групи од Бугарија и Грција.

2004 во Скопје се организира анархофеминистички фестивал со учество на разни групи и поединци од регионот, но и пошироко од Европа.

2003 со работа започнува Плоштад Слобода, првиот сериозен обид за анархистичко издаваштво, издавајќи повеќе брошури и памфлети, а во 2004 и првите анархистички книги на македонски јазик. Фокусот беше ставен на современите и неортодоксни анархистички теории и струи (Боб Блек, Фреди Перлман, Хаким Беј, Џон Зерзан, Алфредо Бонано итн.) Но после само неколку години проектот замира.

Треба да се истакне и сајтот terror13 кој генерираше анархистички вести, а имаше и онлајн архива на текстови и кој успеа да се одржи подолг период, некаде околу 8 год. Со работа престана пред отприлика 2 години.

Значи постои одреден нагорен тренд во анархистичкото делување се до 2005-06 кога започнува едно затишје кога кај голем дел од поединците кои најдиректно учествуваа во него се чувствува некаква истрошеност, замор и разочарување од неуспехот да се изгради една поцврста основа од која би можело да произлезе анархистичко движење во вистинска смисла на зборот.
Затишјето трае некаде до 2009-10, кога повторно се чусвтвува придвижување со доаѓањето на нова, помлада генерација.

Повидлива група од овој период е Анархистички фронт, која одреден период водеше инфошоп и библиотека и го организираше Балканскиот анархистички саем на книгата во Скопје 2011. Се дефинираат како анархокомунистичка група. Интересно е што се опишуваат како анархистичко крило на левичарската организација „Ленка“ (6- инаку формално регистрирана организација), избирајќи да се стават во сенка и на маргините на левицата (стара анархистичка болка). Историјата и искуството укажуваат дека тоа најверојатно во одредени моменти ќе доведе до компромитирање на анархистичките идеи и анархистичката борба. Претходната генерација на анархисти во Македонија (пред сè оние вклучени во проектот Плоштад Слобода и terror13) беше многу поотворена за нови идејно-теориски текови и промислувања внатре анархизмот, инсистирајќи на делување и организирање на анархистите надвор од левицата. Од поновите активности ќе го истакнам проектот АЈДЕ во кој се вклучени и анархисти од Македонија и Грција и кој е насочен кон: „... да се спротивставиме на реториката репродуцирана од националистичката еуфорија поврзана со 100-годишнината од „ослободувањето“ на Солун во Грција и 100 години од потпишувањето на Букурешкиот договор во Република Македонија. Неодамна започнавме, најдобро што можевме, дискусија која се однесува на политичкото читање на историјата и на продлабочување на теоретски прашања како: значењето на „нациите“, употребата на националните симболи и улогата на националните држави во рамките на денешната капиталистичка криза. (7)
.........

1. Георги Хаджиев, Париз 1969; Софија 1992 Историјя на безвластническото движение в България
2. Прашањето за односот и релациите меѓу Македонија и Бугарија е мошне комплексно и сè уште актуелно, без оглед дали се работи за слободарски кругови или за официјална политика. Главна окосница е таканареченото „Македонско прашање“.
На пример, по распадот на Југославија и отцепувањето и осамостојувањето на Македонија, Бугарија прва ја призна Република Македонија како независна држава, но сè уште не го признава македонскиот идентитет и јазик, сметајќи ги Македонците за „однародени Бугари“.
Бугарскиот анархист Георги Хаџиев го користи терминот „новофабрикувани Македонци“ за именување на жителите во Македонија која во 1944 добива статус на рамноправна република во рамки на Југославија. („Тито успева да ја искористи кратковидата политика на бугарските комунисти и ги поставува темелите на една нова нација - ’македонска‘, со нова историја - ’македонска‘, со нов јазик - ’македонски‘, на лингвистите познат како српско наречје на бугарскиот јазик. Во стварноста не може да има одделен, независен македонски народ и никогаш и немало.“ 1969; 1992)
Ова е навистина комплексна тема која го надминува обемот на овој краток напис и за која сега немаме простор овде да дискутираме и да ја разложуваме.
3. Георги Хаджиев, Париз 1969; Софија 1992
4. Како што обично бидува, владејачката историја подоцна го узурпира и присвојува нивното дело, прогласувајќи ги за национални херои, игнорирајќи ги нивните анархистички идеи и претставувајќи ги генерално како прогресивци и напредни борци за ослободување на Македонија. Во 2010 дури им поставија и споменик на главниот плоштад во Скопје, како дел од „културниот инженеринг“ (таканаречената антиквизација) кого десничарската власт во Македонија го спроведува изминативе години и кој се заснова на тврдењата дека Македонците се библиски народ и потомци на Александар Македонски.
5. Георги Хаджиев, Париз 1980; Софија 1996
6. http://sm.a-bg.net/2009/02/07/anarhizmat-v-makedoniya.htm
7. http://ajde.espivblogs.net/

No comments:

Post a Comment